Децата и планините

Македонија е планинска земја со околу 40 планини од кои 12 повисоки од 2.000 метри. Ниту една држава во Европа нема толкав број планини и планински масиви во однос на својата површина. На сите овие планини има околу 260 впечатливи планински врвови, од кои 85 над 2.000 метри.

Ајде да ги научиме заедно: поголемите планини во Македонија, планинските масиви и планинските венци и каде се наоѓаат тие; највисоките врвови на планините; големите леднички или глацијални езера (кои настанале со топење на мразот за време на ледената доба), водопадите и изворите на големите реки, како и растенијата (флората) и животните (фауната) на тие планини (меѓу кои и повеќе ендемични видови, што живеат само на тоа место на планетата).

Како ќе ги научиме планините? Многу едноставно, сѐ што треба да направите е следново:

  • Дома, во слободно време, да ја истражувате нашата интернет страница, да ги следите врските до други текстови, да читате за планините, за врвовите, за флората и фауната…; да ги гледате сликите и да посакате да дознаете повеќе кликајќи на надворешните врски што ќе ве однесат до други страници
  • Да го носите со себе малиот едукативен пакет „Децата и планините“, којшто вклучува папка, брошура со планинска карта на Македонија, основните информации за секоја планина и сл.
  • Да ги прочитате книгите од едицијата „Децата и планините“

Истражувајќи на овој начин, полесно ќе научите сѐ за планините во Македонија и, веруваме, ќе одлучите и да ги посетите. Со други зборови, нашата цел е не само да ги научите планините туку и да ги запознаете и – се разбира – да ги засакате. Зашто, верувајте, љубовта кон планините се раѓа на која било возраст и трае – до крајот на животот.