Принц од хартија

(Извадок)

од Владислава Војновиќ



Обично знам каде сме по тоа колку ми се досадуваат нозете. На пример, кога петиците ме чешаат однатре, знам дека сме блиску до гратчето каде што живее баба. Кога одиме кај баба. Или дека сме блиску до Белград, кога се враќаме дома. Обично одиме со автомобил. Тато, мама и јас. Тато вози, а мама седи покрај него и се преправа дека не ѝ е ништо. Велам „се преправа“, зашто тоа го прави така што сите знаеме дека ѝ е нешто. Како јас додека пишувам домашно по математика. Сите знаат дека не сакам домашно и ние сите знаеме дека мама не ја сака баба. Тато се преправа дека не го забележува ни едното, ни другото. Но, тој го прави тоа така што понекогаш не сум сигурна дали можеби навистина нема поим што се случува. Нему му е лесно. Тој е луд по математика. Не е луд по баба, но не ја забележува ни неа.

Кога во автомобилот ми се досадуваат нозете, јас ги собувам чевлите. Ги кревам нозете на плафонот или ги испружувам низ прозорецот. Тоа најчесто не ми го дозволуваат, но тие не забележуваат што правам токму во истиот миг. Во секој случај, можам барем да лежам на задното седиште и да ги гледам дрвјата покрај патот како поминуваат наопаку.

Овде не е можно тоа. Во автобус сум. И тоа сама! Добро, не сум сосема сама: тука е шоферот, кој ја познава баба, затоа што некогаш одел со тато на училиште, кондуктерот кој живее во улицата на баба, уште неколку патници кои се пријатели на баба и уште неколку што не ѝ се пријатели, ама се поздравуваат едни со други кога ќе се сретнат и сите се знаат по име. Сите тие се воодушевуваа што толку сум пораснала и што можам сама да патувам дома. Само една жена ѝ кажа на баба дека е луда што ме пушта. Јас мислам дека таа е луда. Жената, а не баба. И баш таа лудата седна покрај мене! За среќа, излезе во некое село. Ме праша дали се плашам. Без врска, како тоа да е нешто посебно, баба ме става во автобус, а мама и тато ме пречекуваат на станицата во Белград. Така би можеле да ја испратат и Кика во онаа кошница во којашто ја носиме. Само, баба не сака мачки, па не би се согласила да ја чува Кика. На мое место, Кика би мјаукала и би ја гребела кошницата, а јас седам мирно. Онаа жена ми рече дека Кика би можеле да ја украдат, како што би можеле да ме украдат и мене. Ама еве, во Белград сме, а никој не се ни обиде. Таа лудата ме праша што ќе правам ако не ме пречекаат родителите. Мислам, секако ќе ме дочекаат. Иако тато можеби е на пат. Тој патува постојано. Но, мама никогаш не би отпатувала ако знае дека доаѓам. Би било ептен без врска ако и таа отиде некаде. Тогаш би морала да се вратам со овој истиов автобус кај баба. Тоа не би било добро. Како прво, ми здодеа да се возам, а како второ, ми здодеа кај баба. Баба ми не е како другите баби. Мислам, не е како оние што им дозволуваат сѐ на децата. Баба ми не дозволува ништо. Никому. Таа мисли дека тато е супер затоа што ништо не му дозволувала кога бил мал, а дека кај мама се гледа дека била разгалена како дете. Баба нема поим. На пример, баш мама јаде сѐ, а тато – не. Особено не оние здравите работи. И не се жали дека е болна и не се гади од ништо.

– Ене га Тоза! Сас жену. Ко младенци! – одеднаш вели шоферот. Гледам таму каде што гледа тој, низ оградата од станицата, и ги здогледувам мама и тато. Ете, знаев дека онаа жена е луда. Мама и тато се бакнуваат и се смеат за нешто. Но, автобусот продолжува понатаму.

– Еј! Каде одиме? – прашувам.

– Влезот е од другата страна. Мораме да заобиколиме – објаснува кондуктерот.

– Ќе добиеш братче, малечка! – вели шоферот и ме гледа додека го врти огромниот волан и заобиколува.

Тоа баш не би сакала. Особено не мал брат. Би сакала голема сестра. Не некоја огромна. Вака, исто голема колку мене. Ама тоа не е можно. Сите деца прво се малечки. Мојата другарка Теа има мал брат. Тоа е најздодевното суштество на светот. Се надевам дека и моите родители го забележале тоа. Иако прават чудни работи во последно време. На пример, го продале станот. Баба ми кажа.

Автобусот влегува во станицата. Мама и тато ми мавтаат. Мавтам и јас и гледам во рамниот стомак на мама. Фала му на бога што не е трудна.


Илустрација на корица: Ване Костуранов

Превод од српски јазик: Билјана Црвенковска


Повеќе за книгата ТУКА.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s