Без зборови

(Извадок)

од Џенифер Мук-Сенг


Вратата од училишната библиотека се отвори ширум и Паркер влета внатре. „Еј, Желе“, загрме тој, „мора да дојдеш да го видиш ова!“

Паркер е цела глава повисок од мене и е граден како џип. Кога ќе ти ја повлече раката, давањето отпор може да предизвика трајно оштетување. Дозволив да ме одвлечка во ходникот кога г-ѓа Лонго, библиотекарката, стави прст на усните и рече „Шшшш“ зад нас.

Пред главната канцеларија се туркаа куп деца. Се буткаа со лакти и велеа: „Уау! Кул!“ и „Супер!“

Ги тргнав дебелите прсти на Паркер и си ја протрив раката. Каде гледаа сите?

На големиот знак на ѕидот пишуваше: „Годишен натпревар во говорење на јавното училиште Шервуд Форест“. Пффф, големо чудо. Секоја година учениците од трето до шесто одделение мораа да одржат говор. И секоја година јас го промрморував мојот најбрзо што можев за да го откачам.

„И…?“ Се свртив кон Паркер.

„Треба да запнеш годинава“, рече.

„Се шегуваш, така? Зошто некој би ја поминувал таа тортура само за да освои некој глупав медал?“

„Затоа што“, рече, „отсекогаш си сакал еден од овие, Желе.“ Паркер покажа кон витрината покрај огласот.

Останав без здив.

На стаклената полица блескаше нов таблет-компјутер. Трепнав. Со додатоци. Имаше дури и блутут-тастатура, модерно пенкало за цртање и – ова беше неверојатно – контролер за игри.

Останав со зината уста.

„Тоа е наградата за оваа година!“ рече Паркер.

Не е ни чудо што сите беа толку возбудени.

Моите не ми дозволуваа ни да гледам телевизија повеќе од еден час дневно, а компјутерот ни беше само за домашно. Нормално, немав ниту една видеоигра.

Гледав копнежливо во сјајната црна направа со елегантната кутија што се виткаше во потпирач. Мислев на тоа да имам сопствен таблет, во мојата соба, на игрите што би можел да ги играм – „З-Свет Тектоник“, „Патувањето до Аутер Зед“, и најдобрата од сите, „Битка МегаЗед“.

Штета што беше натпревар во говорење.

Пред нас, едно девојче рече: „Еј! Види го ова, Викторија.“

„Не е важно која е наградата, Елса“, одговори Викторија. „Се натпреварувам поради предизвикот.“

Звукот на гласот на Викторија секогаш ме наежуваше. Ги превртив очите кон Паркер. Но Викторија не се фалеше. Таа беше претседател на ученичкиот совет – најумното девојче во мојот клас, и никогаш не дозволуваше да се заборави тоа. Прва одговараше на прашања, прва го предаваше тестот пред крајот на часот и прва се јавуваше како доброволец, дури и за такви смрдливи работи како чистење на игралиштето. Наставниците ја обожаваа. Почувствував како Паркер пак ми ја стегна раката со прстите. „Ти баш можеш да победиш на ова.“

Викторија ја сврти главата додека му ја тргав раката и се пошегува: „Да, да, боза е тоа.“

Паркер и јас се доближивме и ја разгледавме витрината додека ѕвончето не го означи крајот на одморот. Толпата ученици исчезнаа и Паркер рече: „Еј, Желе, ќе задоцниме.“

Отрча пред да можам да му одговорам. Зјапав во него и си мислев колку е чудно што Паркер не беше во мојот клас годинава. Кога бевме мали, нашите мајки велеа дека сме залепени како сендвич. Бидејќи иницијалите на Паркер се П. Б. (кратенка за путер од кикиритки), а моите Џ. Е. М. (Џозеф Елтон Мајлс)… па, затоа сите ме викаат Желе. Се стрчав до моето шкафче, ги грабнав папката и приборот за моливи и отрчав на англиски.


Повеќе за книгата ТУКА

Илустрација на корица: Катарина Пренда

Превод од англиски јазик: Владимир Стојновски

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s