од Ванчо Полазаревски
Во парк со раскошна бара се сретнаа паунот Ѓоко и жабата, госпоѓица Клара. За изјава да ни даде паунот не сакаше да чуе, та штотуку почнуваше да се дуе. А жабата рече: „Кре! Кре! Кре! Што е ова? Не можам без едно - бре.“ Каква глетка страшна, па комшијава Надуенко не носи ни машна. А со тие пердуви, божем рајски, кутриот, не му текнува, целиот е... некако, кичерајски. Каде му е чувството за естетика? Сто посто - на протетика. И штета, покрај него, раскошна убавица шета, а тој, Ѓоко, за неа нема око. За такви како него, кусогледи, да се зборува многу и не вреди. А што се чудам пак јас, ко некоја баба, та тој е само паун, не е жаба." П.С. Жабата Клара сигурно ќе беше избрана за мис, но жирито службено беше, баш тој ден на островот Вис.
Илустрација: Наташа Костовска