Собичката на таванот

(Извадок од „Полиана“)

од Еленор Х. Портер


Госпоѓица Поли Харингтон не стана за да ја пречека внука си. Го крена погледот од книгата, вистина е, кога Ненси и девојчето се појавија на влезот во дневната соба, а потоа ја подаде раката, со зборот „должност“ испишан со големи букви врз секој испружен, студен прст.

„Како си, Полиана? Јас…“ Немаше можност да рече уште нешто. Полиана едноставно летна низ собата и се фрли во шокираниот, непопустлив скут на тетка си.

„Ах, тетка Поли, тетка Поли, не знам како да се израдувам доволно што ми дозволи да живеам со тебе“, липаше таа. „Не знаеш колку е прекрасно да ве имам тебе и Ненси и сето ова откако ја имав само Женска помош!“

„Сигурно – иако го немав тоа задоволство да се запознам со Женска помош“, бргу возврати госпоѓица Поли, вкочането, додека се обидуваше да ги оттргне малите, стегнати прсти, па го сврти намуртеното лице кон Ненси на влезот. „Ненси, доволно беше. Можеш да си одиш. Полиана, ќе те замолам да застанеш исправено, како што треба. Сè уште не знам како изгледаш.“

Полиана веднаш отстапи; се смееше малку хистерично.

„Не, веројатно не знаеш; но гледаш дека и не сум многу за гледање, поради пегите. Ах, треба и да објаснам за црвената басма и црниот сомотен корсет со бели точки на лактите. Ѝ реков на Ненси дека татко рече…“

„Да, добро, не е сега важно што рекол татко ти“, отсечно рече госпоѓица Поли. „Имаш куфер, претпоставувам?“

„А да, секако, госпоѓице Поли. Имам прекрасен куфер што ми го даде Женска помош. Немам многу работи внатре – мои, мислам. Во бурињата немаше многу облека за мали девојчиња во последно време; но таму беа сите таткови книги и госпоѓицата Вајт мислеше оти треба да ги земам. Знаете, татко…“

„Полиана“, повторно ја прекина тетка ѝ, остро; „подобро е да сфатиш нешто уште веднаш; а тоа е дека не сакам понатаму да ми зборуваш за татко ти.“

Девојчето подзина исплашено.

„Ама, тетка Поли, мис… мислите…“ Се колебаше, а тетка ѝ ја пополни паузата.

„Ќе одиме горе во твојата соба. Куферот ти е веќе таму, претпоставувам. Му реков на Тимоти да го качи – доколку имаш. Можеш да тргнеш по мене, Полиана.“

Полиана се сврте без збор и излезе по тетка си од собата. Очите ѝ беа полни солзи, но брадата храбро крената.

„Сепак, мислам – мислам дека ми е мило што не сака да зборувам за татко“, размислуваше Полиана. „Полесно ќе е, можеби – ако не зборувам за него. Веројатно и затоа ми рече да не зборувам за него.“ И Полиана, одново убедена во „добрината“ на тетка ѝ, затрепка да ги оттргне солзите и љубопитно разгледа наоколу.

Сега беше на скалите. Непосредно пред неа, црното, свилено здолниште на тетка ѝ шушкаше раскошно. Под неа, низ една отворена врата ѕирна килими во нежни бои и столови покриени со сатен. Под нозете, чудесниот тепих ѝ се чинеше како зелен мов. Од сите страни, позлатените рамки на сликите или сончевиот сјај низ тенката мрежа на завесите од тантела ѝ блескаа во очите.

„Ах, тетка Поли, тетка Поли“, се восхитуваше девојчето; „колку прекрасна, прекрасна куќа! Сигурно се радуваш што си олку богата!“

„Полиана!“ извика тетка ѝ и нагло се сврте кога стапна на последната скала. „Изненадена сум – така да ми се обраќаш!“

„Па, тетка Поли, зар НЕ СE РAДУВАШ?“ ја праша Полиана, искрено зачудена.

„Секако дека не, Полиана. Се надевам дека нема толку да се заборавам за да го сторам тој грев да се гордеам на секој подарок што Бог сметал дека го заслужувам“, изјави госпоѓицата; „сигурно не на БОГАТСТВО!“

Госпоѓица Поли се сврте и тргна низ ходникот кон вратата од таванските скали. Сега ѝ беше мило што го стави детето во собата на таванот. Првичната замисла ѝ беше колку што е можно повеќе да ја оддалечи внука си од себе, а истовремено да биде на место каде што детската невнимателност немаше да уништи вредна покуќнина. Сега – со оваа очигледна суетност што ја покажа олку рано – беше уште поповолно што собата замислена за неа беше обична и практична, размислуваше госпоѓица Поли.

Малите стапала на Полиана цупкаа љубопитно зад тетка ѝ. Уште пољубопитно, крупните, сини очи се обидуваа да гледаат во сите правци одеднаш, за ништо убаво или интересно во оваа чудесна куќа да не помине незабележано. И најљубопитен од сите, нејзиниот ум се сврте кон чудесно возбудливиот проблем што ќе го решеа сега: зад која од овие фасцинантни врати чекаше нејзината соба – милата, убава соба полна завеси, килими и слики, што ќе ѝ припаднеше нејзе? Одненадеж, тетка ѝ отвори една врата и се искачи по нови скали.

Овде немаше многу што да се види. Гол ѕид се креваше од двете страни. Најгоре на скалите, широки ленти сенка водеа до оддалечени ќошиња, каде што покривот стигаше речиси до подот, со безброј натрупани куфери и кутии. Беше и жешко и задушливо. Полиана несвесно ја крена главата повисоко – ѝ беше многу тешко да дише. Тогаш виде дека тетка ѝ отворила една врата десно.

„Еве, Полиана, ова е твојата соба, и гледам дека куферот ти е овде. Го имаш клучот?“

Полиана немо кимна. Очите ѝ беа малку ококорени и исплашени.

Тетка ѝ се намурти.

„Кога ќе поставам прашање, Полиана, претпочитам да одговориш гласно, не само со главата.“

„Да, тетка Поли.“

„Благодарам, така може. Верувам дека овде имаш сè што ти треба“, додаде и погледна кон добро наполнетaта полица со крпи и бокалот за вода. „Ќе ја пратам Ненси да ти помогне да се распакуваш. Вечерата е во шест“, заврши таа, па излезе од собата и полека слезе долу.

Некој момент откако замина, Полиана стоеше мирно и ја испрати со погледот. Потоа ги сврти крупните очи кон голиот ѕид, голиот под и голите прозорци. На крајот, се сврте кон малиот куфер што не толку одамна стоеше во нејзината соба во далечниот дом на Запад. Следниот миг се добра на слепо до него и падна на колена, покривајќи си го лицето со дланките.

Ненси ја затече таму кога се качи по неколку минути.

„Ајде, ајде, кутро јагне“, тивко ѝ рече, се спушти на подот и го повлече девојчето во своите раце. „Баш се плашев оти ќе те најдам ваквo, баш вакво.“

Полиана одмавнуваше со главата.

„Но, јас сум лоша и злобна, Ненси – многу злобна“, липаше таа. „Просто не можам да се натерам да сфатам дека на Господ и на ангелите им требал татко ми повеќе отколку на мене.“

„И ним не им требал“, се осмели Ненси.

„Офф!! НЕНСИ!“ Пламениот ужас во очите на Полиана ѝ ги осуши очите.

Ненси се насмевна засрамено и силно си ги протри очите.

„Немој, немој, дете, не го мислев тоа, се разбира“, викна бргу. „Ајде, да го земиме клучот, па ќе го отвориме куферов и ќе ти ги извајме фустаните веднаш, веднаш.“

Малку насолзена, Полиана го извади клучот.

„И онака нема многу внатре“, рече со колеблив глас.

„Тогаш уште побргу ќе ги распакуваме“, рече Ненси.

На лицето на Полиана блесна насмевка.

„Така е! Можам да се радувам на тоа, нели?“ извика таа.

Ненси зјапаше.

„Па, се – разбира“, одговори малку несигурно.

Вештите раце на Ненси бргу ги распакуваа книгите, закрпената долна облека и неколкуте тажни, неугледни фустани. Полиана, сега со храбра насмевка, леташе наоколу, ги закачуваше фустаните во шкафот, ги редеше книгите на масата и ја ставаше долната облека во фиоките од бирото.

„Сигурна сум дека – ќе биде многу убава соба. Не мислиш така?“ запелтечи таа по извесно време.

Немаше одговор. Ненси беше многу зафатена, очигледно, со главата во куферот. Полиана, застаната до бирото, гледаше малку натажено во голиот ѕид над неа.

„И можам да се радувам што овде нема никакво огледало, оти таму каде што НЕМА огледало, не можам да си ги видам пегите.“

Ненси одеднаш направи чуден звук со устата – но кога Полиана се сврте, главата повторно ѝ беше во куферот. Покрај еден од прозорците, по неколку минути, Полиана испушти радосен извик и весело плесна со рацете.

„Ах, Ненси, не го видов ова досега“, изусти таа. „Види – онаму далеку, со оние дрвја и куќи и онаа прекрасна црковна кула и реката што сјае исто како сребро. Ненси, па никому не му требаат слики со ваква глетка. Ах, толку се радувам сега што ми ја даде собава!“

Полиана се вчудовиде кога Ненси прсна во плач. Бргу дојде до неа.

„Ама Ненси, Ненси – што е работата?“ извика таа; а потоа, исплашено: „Ова не беше – ТВОЈАТА соба, нели?“

„Моја соба!“ се вжешти Ненси и го задуши плачот. „Па, ти си aнгелче дојдено право од рајот и ако некои не се понижат пред… Оф, леле! Еве ѝ го ѕвоното!“ И по овој зачудувачки говор, Ненси скокна на нозе, истрча од собата и слезе тропајќи по скалите.

Оставена сама, Полиана ѝ се врати на својата „слика“, како што во умот си ја замисли прекрасната глетка од прозорецот. По извесно време ја допре рамката несигурно. Како веќе да не можеше да ја поднесе задушливата жега. Се израдува кога рамката ѝ се помести под прстите. Следниот миг прозорецот се отвори ширум и Полиана убаво се наведна, впивајќи го свежиот, миризлив воздух.

Потоа се стрча накај другиот прозорец. И тој набргу летна нагоре под нестрпливите раце. Голема мува ѝ помина под носот и гласно брмчеше низ собата. Потоа дојде уште една, па уште една; но Полиана не обрнуваше внимание. Полиана стигна до чудесно откритие – огромно дрво замавнуваше со големи гранки кон овој прозорец. На Полиана ѝ се чинеа како испружени раце што ја канеа. Одеднаш се насмеа гласно.

„Мислам дека можам“, се закикоти. Следниот момент вешто се искачи на штицата од прозорецот. Оттука беше лесно да се стапне врз најблиската гранка. Потоа, фатена како мајмун, се нишаше од гранка на гранка сè додека не стигна до најниската. Падот наземи беше – дури и за Полиана, која беше навикната да се качува на дрвја – малку страшен. Сепак, се фрли, не дишејќи: се заниша со малите, силни рачиња и падна на раце и нозе врз меката трева. Потоа се крена и љубопитно разгледа наоколу.

Се наоѓаше зад куќата. Пред неа имаше градина каде што работеше наведнат старец. Зад градината, мала патека низ отвореното поле водеше кон еден стрмен рид, на чијшто врв стражареше осамен бор покрај една голема карпа. За Полиана, во тој час, постоеше само едно место на светот каде што вредеше да се биде – на врвот на таа голема карпа.

Со трчање и едно вешто свртување, Полиана скокна покрај наведнатиот старец, зачекори меѓу уредните редови зелени растенија и – малку задишана – излезе на патеката што водеше низ отвореното поле. Тогаш почна да се качува решително. Сепак, веќе си мислеше колку беше далеку оној камен, кога одзади, покрај прозорецот, се чинеше толку близу!

Петнаесет минути подоцна, големиот часовник во ходникот на куќата Харингтон отчука шест. Точно на последниот удар Ненси заѕвони за вечера.

Поминаа една, две, три минути. Госпоѓица Поли се намурти и потчукна на подот со влечката. Малку нервозно се крена на нозе, отиде во ходникот и погледна нагоре, видливо нестрплива. Слушаше упорно една минута; потоа се сврте и премина во трпезаријата.

„Ненси“, рече одлучно кога се појави малата прислужничка; „внука ми доцни. Не, не треба да ја викаш“, додаде строго кога Ненси тргна накај вратата од ходникот. „Ѝ реков во колку е вечерата и сега ќе мора да одговара за последиците. Подобро веднаш да научи да биде тoчна. Кога ќе слезе, може да јаде леб и млеко во кујната.“

„Да, госпоѓо.“ Можеби беше добро што во тој миг госпоѓица Поли не гледаше во лицето на Ненси.

По вечерата, Ненси најбргу што можеше се искраде нагоре по скалите, па во собата на таванот.

„Леб и млеко, како не! И тоа кога кутроно јагненце заспало во солзи“, луто мрмореше таа кога тивко ја поттурна вратата. Следниот момент викна исплашено. „Кај си? Кај ојде? КАДЕ ојде?“ бревташе таа, провери во шкафот, под креветот, дури и во куферот и во бокалот за вода. Потоа летна надолу по скалите накај стариот Том во градината.

„Господин Том, господин Том, она благословено детуле го нема“, плачеше таа. „Исчезна право во рајот од кај шо дојде, кутрото јагне – и ми кажаа да ѝ дадам леб и млеко во кујната – таа шо сега јаде ангелска храна, сигурно, сигурно!“

Старецот се исправи.

„Го нема? Во рајот?“ повтори глупаво додека несвесно шараше со погледот по светлото зајдисонце. Застана, упорно зјапаше за момент, па се сврте со бавна насмевка. „Па, Ненси, се чини дека пробала да стигне најблизу до рајот шо може, така е“, се согласи и покажа со свиениот прст каде што, јасно оцртана наспроти небото што црвенееше, една тенка фигура, раздувана од ветерот, стоеше врз огромната карпа.

„Е па, нема да оди во рајот вечерва – не ако се прашувам јас“, рече Ненси тврдоглаво. „Ако праша газдарицата, речи ѝ дека не сум ги заборавила садовите, туку сум отишла да прошетам“, дофрли преку рамото додека брзаше по патеката што водеше низ отвореното поле.


Повеќе за книгата ТУКА

Илустрација на корица: Ване Костуранов

Превод од англиски јазик: Владимир Стојановски

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s