од Ванчо Полазаревски
Кравата виде брод, па си рече: „Е, краво, ова е она право, со брод да се плови, откривање хоризонти нови.“ Бродот крава виде, помисли, (покусо да не биде): „Броду, луда главо, многу е здраво, од морето да се спасам како кравче да си пасам.“ Ко јазик да си гризна, кравата призна - да плови, за неа е фантазија чиста... И бродот помисли: - „И со мене ситуацијата е - иста. Можам да пасам само вода бистра.“ И по едно кравско: - Мууу! и бродско: - Ту-ту-ту! разделба што значат, кравата и бродот си ветија - нема чудни желби да ги мачат. Бродот ќе се лизга по морска линија права, отмено како крава. А кравата, со нишање во од, ќе пасе небаре плови како брод.
Илустрација: Наташа Костовска