од Ванчо Полазаревски
Таму, лево од Пчиња, две дечиња, биле две мали, а големи, сакалчиња. Сакале сѐ, секого и сешто и тоа им било малку, па сакале уште по нешто. Што? На примерски, сакале сакалчињата сѐ што е во морињата. Го сакале и сѐ она што е околу нив, зелено ако е, или црвено, па и со боја сина, а ги сакале и... - Сите до еден? - Не ме прекинувај.... да. Значи, и со боја сина, сите до еден, високи луѓе, одовде до Кина. Ги сакале и ламите натоварени со сламите, лошите што ги мразеле бруцошите, ги сакале камбаните, а особено бананите, јазовците и игуаните. Ги сакале левите страни, темната страна на Месечината, долгите тунели во планината. Ги сакале принцез-воздишките и во Штип бишките. Омилени им биле мечтите на папагалите, пирамидите, особено скалите, знаеле да сакаат високо, брзо со и без нервоза... сакале и една тронога коза. Ги сакале кокичињата, мачињата, симит погачите, по математика задачите, синевината небесна, стражата почесна, сакале многу кога темнината ќе загубела со 5:0 од светлината. Сакале вишокот на својата љубов со вас да ја делат, и затоа, ги тераат, за љубовта, вакви ко мене, да мелат, мелат...
Илустрација: Наташа Костовска