Како Јасна го засака снегот

од Билјана С. Црвенковска

Јасна не сакаше зима. Не сакаше студ, не сакаше снег. Сакаше лето и море. Сакаше сонце и цвеќенца и зелена трева. Но снег, никако!

Додека сите на училиште му се радуваа на снегот, Јасна се туткаше и се криеше. Се плашеше од снежни топки кои долетуваа од сите страни. Мразеше замрзнати улици и тротоари. Кога се замрзнати, не можеш да претрчаш до училиште ако доцниш, туку се движиш мошне бавно и внимаваш да не паднеш.

А ако забрзаш и паднеш… Ау, колку боли!

И тоа не е сè! Кога ќе почне да се топи снегот, улиците и тротоарите стануваат како каша! Па потоа, ако влезеш дома и заборавиш веднаш да ги собуеш чизмите, ќе направиш неред и мама ќе те искара.

Да, Јасна баш не сакаше зима.

Но, оваа зима се случи нешто сосема неочекувано…

„Станувај мрзливке!“ викна тато и ширум ги отвори завесите. „Треба да одиме.“

„Да одиме? Каде?“ сонливо праша Јасна и ги протри очите. Што ли му стана на тато, па распуст е?! Не мора да се оди никаде.

„Одиме во планина, на снег!“

Планина? Снег? Јасна не можеше да си дојде на себе.

„Неее, тато! Не сакам. Не сакам ни планина ни снег. Толку е студено таму…“

„Нема дискусија!“ се подналути тато. „Секојпат се жалиш дека ти е студено и ти попуштам, но овој пат нема. Мора да излезеш на чист воздух. Само така ќе бидеш здрава. Отсега одиме на планина, без разлика дали е зима или лето.“

Тато беше од оние што постојано зборуваа за здрав живот и одеа по планини. Ох, колку здодевно! Но, овој пат не попушти и… отидоа!

„Бррр, студиии!“ се пожали Јасна кога излезе од автомобилот. Но, тато изгледа не ја слушна. Го отвори багажникот и од него извади… една џиновска санка!

„Види што сум купил“, се смешкаше тато. „Ќе се санкаме заедно. Знаеш како ќе летнеме надолу по она ритче онде? Многу ќе биде убаво.“

„Ау, тато, не“, се противеше Јасна. „Мене ми е страв. Многу е опасно така да се лета надолу.“

„Хи, хи, хи, страшливке“, се изнасмеа тато. „Нема ништо опасно, јас сум со тебе, ќе те чувам.“

Седнаа на санката, на врвот од ридот. Тато назад, а Јасна пред него, заштитена со неговите раце кои управуваа со санката.

„Спремна?“ праша тато.

На Јасна срцето ѝ тропаше во градите како да ќе излета.

„Не, чекај малкууу…“ Јасна не успеа да ја докаже реченицата. Тато се поттурна со нозете и санката летна надолу по ридот!

„Аааааа“, исплашено писна Јасна. Санката се лизгаше по снегот со огромна брзина, или барем така си мислеше Јасна. Првин ги држеше силно затворени очите, но некој миг подоцна ги отвори. Еј, па ова и не беше толку страшно…

Поминуваа покрај високи ели, натежнати од снег. Ветрот им дуваше во лицата, но тоа и не беше толку лошо. Да, беше студен, но беше и пријатно. Мали, нежни снегулки ѝ ги допираа обравчињата. А срценцето, иако сè уште чукаше силно, беше и возбудено. Тоа не беше страв, туку едно убаво чувство на возбуда, па дури и радост.


Кога санката полека запре во подножјето на ридот, Јасна беше вистински среќна.

Леле, колку било убаво санкањето. А и снегот не бил ни лош ни страшен.

Тато ја погледна и се насмевна. „Одиме пак?“ праша.

„Одиме! И втор пат, и трет пат, и четврти… сè додека не се стемни!“ одговори Јасна и се затрча нагоре по ридот.


Илустрација: shutterstock; Чудна шума


© Билјана Црвенковска. © Чудна шума, за оваа објава. Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на овој текст во целост ниту во делови.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s