од Ванчо Полазаревски
Си била една папуча, се викала влечка, но за неа – пополечка. Во исто време една врева се скарала со трева, а една бука била главна и славна поради една внука кога на еднакви парчиња се делела печена штука. А каде е тука, ве молам, зборот – БУЧАВА? Тука треба да е. Но не е, оти од дното на душата бучава ја мразела папучава (која се снајде и тука се најде.) Оти и зошто ја мразела? Оти и затоа што кога папучава газела, толку многу пазела, што немало, ниту врева, ниту ѓурултија, а најмалку пак бучава и сето тоа поради – папучава. ЗМЕВСКО ГРЕЕЊЕ Ех, во време дамно, да ти е дома топло, на фантазија било рамно. Арно ама, еден змев со добра душа и голем мев решил да направи нешто што невозможно не е – луѓето со огнот свој змевски да ги грее. Е сега, навистина, во греењето пробно, две куќи пепел се сторија, но змевот и луѓето за змевско греење се изборија И сега змевот целиот е ќеф кога, онака случајно ќе чуе: – Баш е супер, и ние се грееме на змев.
Илустрација: Алексеј Костовски
Песна од стихозбирката „Баба Рога вежба јога“, во издание на Чудна шума
Од истиот автор: