Во сеќавање на Ерик Карл (1929 – 2021)

Подготви: Елена Копртла

„Пишувам за детето во себе. Тоа секогаш е основата од која тргнувам во творечкиот процес.“

Ерик Карл е познат по својата повеќедимензионална практика, опфаќајќи голем број ликовни дела во колаж, сликарство, дела на хартија и ткаенина, скулптура, дизајн на театар и мебел и,  секако, приказните преточени во над 70 брилијантно илустрирани и дизајнирани сликовници за деца. Темите на неговите сликовници потекнуваат од љубовта кон природата и животните, а особено од инсектите. Неговите сликовници создадени во период од 5 децении се продадени во над 170 милиони примероци и вклучуваат безвременски класици, како Дали сакаш да ми бидеш пријател? (1971), Намќорестата бубамара (1977), Тато, те молам земи ја Месечината за мене (1986), „Полека, полека, полека“, рече мрзливецот (2002), Многу тивкиот штурец (2017)…

Искористувајќи се од неговата формална обука и постојаната пракса како уметник, Ерик брзо развива карактеристичен, личен стил што продолжи да го истражува и усовршува во неговите книги, илустрации и ликовна уметност. Бројни уметнички влијанија се соединуваат во неговите дела, меѓу нив Пабло Пикасо и Анри Матис. Неговата уметност е вкоренета во долгата традиција на колажот, уметничката техника која потекнува од дадаистичкото движење, комбинирана со рачно насликани, шарени и текстурирани хартиени ткива, кои потсетуваат на работата на авангардистите од Ликовната академија во Штутгарт, каде и самиот стекнал диплома за ликовна уметност.

Плодната кариера на Ерик како илустратор и писател започнала сосема случајно во 1967 година, кога писателот за деца Бил Мартин Џуниор, забележал реклама во едно списание за медицина илустрирана од Ерик. Мартин го повикал да ја илустрира неговата сликовница Brown Bear, Brown Bear, What Do you See? и ова искуство го поттикнува неговиот интерес за создавање свои приказни, комбинирајќи ги неговите уметнички способности и искуството од работата во адвертајзингот.

Неговата прва авторска книга 1,2,3 to the Zoo е објавена во 1968 година од Philomel Books, дел од Penguin Young Readers, а ја уредува Ен Бенедук, со која Карл ќе продолжи да соработува во следните педесет години.

Неговата најзначајна сликовница Многу гладна гасеница објавена во 1969 година е преведена на над 70 јазици (за жал сè уште ја немаме на македонски) и продадена во повеќе од 40 милиони примероци, а неверојатен е фактот што примерок од оваа книга се продава на секои 30 секунди! Таа е вистински американски класик, кој по објавувањето ги засенил и дотогаш најпопуларните Добра ноќ Месечино и Мачка во капа на Доктор Сус. Многу гладна гасеница е подеднакво омилена и кај децата и кај родителите, учителите, библиотекарите. Секој креативен едукатор и наставник барем еднаш би можел да ја искористи оваа книга во својата работа бидејќи е неисцрпен извор на идеи за создавање креативни предмети и обработка на наставната единица.

Приказната е едноставна и едукативна – децата ги учат броевите, храната, деновите во неделата и животниот циклус и трансформацијата на гасеницата во пеперутка. Страниците (односно храната) се продупчени така што детето добива впечаток дека гасеницата навистина ги јаде наброените намирници. Тука е и поттекстот на приказната – постоењето на надежта.

Ерик Карл ја чита „Многу гладна гасеница“

Во 2018 година, Penguin Young Readers го основаа Светот на Ерик Карл, серијал од неговите дела и минатата година беше најпродаваната литературна марка за предучилишните установи, предводена од Многу гладна гасеница.

Тајната на неверојатното наследство на Ерик Карл како автор на сликовници лежи во неговото интуитивно разбирање на детските умови – нивните чувства, нивната креативност и нивниот интелектуален раст. Покрај тоа што се убави и забавни, неговите книги секогаш им нудат на децата можност да научат нешто за светот околу нив и да ги охрабрат и самите да создаваат уметност.  

Така, Ерик и неговата сопруга Барбара Боби Карл (1938 – 2015) го коосноваа Музејот на сликовници Ерик Карл во Амхрст, Масачусец во 2002 година, прва ваква институција во САД посветена на илустрациите за деца и сликовниците. Замислен е пред сè како место за младите посетители каде би ги развивале навиките за посета на музеи, откривање на уметноста и читањето. 


Извори:

https://www.penguinrandomhouse.com/series/DW5/the-world-of-eric-carle

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s