од Ванчо Полазаревски
Некаде џенем, e-хе... дури во Азија, Братството за плашење деца од земјата Фантазија, итно ги свика, Буууу – Советот за страшење и Ааааа – Комисијата за плашење. Прво дојде комби и главниот зомби. Секогаш строга, еве ја и Баба Рога. Дузина демони, тролови, гноми, вештери грозни, сите кој од кој поамбициозни. Ужас и страв, а штом ги виде, барај апче за глава. Веднаш сите за гуша се фатија и страшни ломови беа можни, но, навреме сфатија – мора да се сложни. Не им одеше в глава... вирусче за час, доживеа светска слава. Стана славно, главно. Како може на тоа типче, до вчера, обично грипче, просто како грав – цел свет, одеднаш, му се тресе од страв!? Никого од нив веќе не есапат, и децата со нив се мајтапат. На крај луто и бесно, до заклучок дојдоа, некако лесно: „Не чекаме медицина да најде вакцина, здружени ко чудовиште едно, како што е редно, на короната – Бууу!... ќе ѝ вреснеме и од земи ќе ја треснеме. Кај да бега ќе нема, веднаш ќе ја снема.“ Кога згрмеа дружно: „Буууу!“, некој случајно се закашла: „Кау, кау, кау... куууу!“ И летнаа, кутри да бегаат, чудовиштата страшни, да паднеш од страв, во кома, за пет минути сите беа дома.
Илустрација: Алексеј Костовски
Песна од стихозбирката „Баба Рога вежба јога“, во издание на Чудна шума
Од истиот автор: